Усман Дембеле по сите проблеми во дресот на Барселона побарал каталонскиот гигант да го пушти да си оди веќе во јануари, што може да помогне за враќањето на Нејмар на „Ноу Камп“, јавува порталот „Гол“.
21-годишниот Французин дојде во Каталонија за 105 милиони евра од Борусија Дортмунд во 2017 година, но прво беше подолго време повреден, пред сега да има проблеми со дисциплината во клубот. Според „Гол“, тимот на Ернесто Валверде е подготвен да го вклучи Дембеле во потенцијален трансфер на Нејмар од ПСЖ, бидејќи Бразилецот наводно сака да се врати „дома“. Покрај ПСЖ, повеќе тимови од Премиер лигата би биле заинтересирани за услугите на Дембеле.
Дембеле има само седум старта во Ла лига оваа сезона, од кои последниот при 1:1 ремито со Атлетик на крајот на септември, навикнувајќи се на клупата во присуство на Луис Суарез, Лионел Меси и Филипе Кутињо во нападот.