Францускиот селектор Дидие Дешам вели дека планира да контактира со Патрис Евра, откако 36-годишниот ветеран беше отпуштен од Марсеј и доби суспензија од УЕФА за нападот на навивачот пред мечот со Виторија во Лигата на Европа.
Евра беше стартер на секој меч кога Франција беше финалист на Евро 2016 под Дешам, и селекторот вели дека ќе му прати приватна порака наместо да даде јавна изјава.
„Одлуките кои се направени, се направени и јас не сум тука да судам. Нема да одам преку медиумите да му дадам порака. Како и секогаш, ќе зборувам директно со него. Неговата ситуација е доста комплицирана и не би посакал никој да биде во таква положба. Но, тоа се случи“, вели Дешам, кој исто така беше тренер на Евра во Монако од 2002 до 2005 година.