Јувентус му ги нудат на Манчестер јунајтед, Пауло Дибала и Федерико Бернардески во обид да го вратат Пол Погба во Торино, тврди „ЕСПН“ во уште една шпекулација околу иднината на францускиот репрезентативец по контроверзните изјави на неговиот агент, Мино Рајола.
Според „ЕСПН“, Андреа Пирло и управата на Јувентус ќе почекаат до летото 2021 кога ќе ја направат понудата на Дибала и Бернардески, што дава уште едно објаснување зошто Аргентинецот го нема продолжено договорот со Јуве и изјавата дека „не добил“ таква понуда.
Поради пандемијата на КОВИД-19 и „штедливоста“ во Јувентус, италијанскиот шампион нема да може да дојде до сумата која ја побарува Јунајтед и затоа го нудат Дибала, кој беше поврзуван со трансфер на „Олд Трафорд“ и во летото 2019. Бернардески, пак, нема многу шанси оваа сезона, комплетирајќи само еден меч од 90 минути под Пирло и останувајќи без гол и без асистенција.
Претходно, Јунајтед беа поврзувани со сензационално враќање на Кристијано Роналдо на „Олд Трафорд“ наводно поради тоа што Јувентус не сакаат за 35-годишиот Португалец да плаќаат над 30 милиони евра.