Top Sport

Дибала погоди во 93.минута, Јуве победи на „Олимпико“ (Видео)

Екипата на Јувентус го победи Лацио на „Олимпико“ во Рим 1:0, во првиот од двата дерби натпревари од 27.коло во Серија А.

Дуелот на „Олимпико“ беше под стандардите на двата тима, на моменти буквално ништо не се случуваше на теренот. Две возбудувања имаше во првиот дел, а во вториот дел единствено што вредеше да се забележи е мајторскиот потег на Дибала со кој го реши мечот.

Најдобрата шанса за Лацио ја имаше првиот стрелец во лигата Чиро Имобиле во 23.минута. Неговиот удар Џиџи Буфон успеа да го одбрани, односно да ја исфрли топката во корнер.

Нешто подоцна бекот на Јувентус Стефан Лихштајнер постигна гол кој беше поништен поради офсајд.

Во второто полувреме, во буквално последниот напад на натпреварот Паоло Дибала успеа да се ослободи од двајца дефанзивци на Лацио, потоа и го издржа дуелот со Пароло и во паѓање го погоди десниот горен агол од голот на Страхоша.

Јувентус на овој начин ја продолжи успешната серија, триумфот во Рим беше десетти во низа за тимот на Макс Алегри.

„Старата дама“ на табелата има 68 бода, еден помалку од лидерот Наполи, а треба и да го одигра и натпреварот против Аталанта. Наполи нешто подоцна во второто дерби ќе ја пречека Рома.

Scroll to Top