Динамо Загреб, европсиот пат за оваа сезона, го заврши синоќа во Виљареал. „Модрите“, со вкупни 3:1, се елиминирани во четврт-финалето од шпанскиот тим. Одличните настапи на клубот ќе му донесат 12 милиони евра, само од наградниот фонд на УЕФА, дополнително ќе биде познато колку Динамо заработил од телевизиските права.
Динамо, сезоната ја започна во квалификациите за Лигата на шампионите, не успеаја да стигнат до елитата, но се пласираа во фазата по групи во Лига Европа. За настапот во квалификациите клубот доби 3,2 милиони евра и уште 2,4 милиони евра за резултатите што ги постигнале во европските купови, во изминатите десет години.
Во групата, Динамо освои 14 бодови, што според ценовникот на УЕФА изнесува 2,6 милиони евра. Клубот заработи 1,1 милиони евра за елиминацијата на Краснодар и 1,5 милиони евра за елиминацијата на Тотенхем во осмина-финалето.
Иако оваа сезона постигна подобар резултат во натпреварувањата што ги организира УЕФА, Динамо заработи помалку пари од лани, кога го освои последното место во фазата по групи во Лигата на шампионите.
Минатата сезона, за постигнатите резултати, Динамо од УЕФА доби 30 милиони евра.