Можеби најбараниот фудбалер на денешницата, Норвежанецот Ерлинг Халанд останува во Борусија Дортмунд и следната сезона, вели директорот на клубот, Себастијан Кел.
Тој гостувајќи во емисијата „Doppelpass“ на „Sport1“ рече дека 20-годишниот напаѓач ќе остане во Дортмунд иако го бараат многу европски фудбалски „тешкаши“.
Шпекулациите одеа дотаму дека Халанд летово би можел да си оди од клубот за 150 милиони евра откако неговиот агент и татко му се состанале со неколку клубови, но Кел тврди дека нема ништо од тоа.
„Халанд ќе игра за Борусија Дортмунд и во новата сезона. Ерлинг во потполност се согласува со тоа. Го гледам секој ден и можам да речам дека се идентификува со клубот“ вели Кел.
Халанд има откупна клаузула од 70 милиони евра која станува активна следното лето.
Норвежанецот е водечки стрелец во Лигата на шампионите сезонава со 10 гола, а на 38 натпревари во сите конкуренции, запиша 37 погодока.