Трансфер-сагата во Италија продолжува, откако италијанските медиуми тврдат дека Един Џеко не сака да стартува денеска против Верона во дресот на Рома во исчекување на трансферот во Јувентус, додека Аркадијуш Милик уште не успева да го реши несогласувањето со Наполи, кое го закочува трансферот.
Се верува дека трите клуба, Наполи, Рома и Јувентус се договорени Милик да дојде во Рома како позајмен фудбалер со опција за купување за 18 милиони евра плус 7 милиони евра во бонуси, по што Џеко би бил пуштен во Јувентус за 15 милиони евра откако веќе се согласи за двегодишен договор вреден 7.5 милиони евра по сезона.
Милик го почна медицинскиот тест во петокот, но разделбата со Наполи уште не е договорена бидејќи Полјакот бара да му се исплатат две плати од новата сезона и бара да му се вратат парите кои ги плати за „побуната“ во клубот во декември 2019 година.
Бидејќи нема алтернативи, тренерот на Рома, Пауло Фонсека најави дека Џеко ќе игра против Верона, но „Тутоспорт“ јавува дека агентите на напаѓачот не сакаат тоа да се случи за да не има некоја повреда која би го спречила трансферот во Јуве.