Top Sport

Џерард: Нека бидам „злосторник“ на „Енфилд“, само Вила да освои три поени

Менаџерот на Астон вила, Стивен Џерард вели дека не би му претставувало проблем да биде најомразениот лик на „Енфилд“, но само доколку неговиот клуб успее да освои три поени при неговото враќање во Ливерпул во сабота.

Поранешниот капитен на Ливерпул, стигна до три победи во првите четири меча како менаџер на Астон вила, и сега ќе игра против својот стар клуб првпат по заминувањето во 2015 година. Џерард имаше над 500 настапи за Ливерпул во Премиерлигата во 17 години во клубот и многумина го сметаат како природен наследник на Јирген Клоп, но тој вели дека ќе се фокусира само на својот тим.

„Целосно ја почитувам и разбирам мешаницата која се крева околу мечот, бидејќи се враќам во клуб каде што бев многу години. Тоа ме прави среќен. Прво бидејќи имам одлични односи со многу луѓе во клубот, каде што имав многу моменти за сеќавање. Јас сум локално момче и тоа беше клубот за кој навивав и за кој секогаш ќе навивам. Но, во исто време, имам шанса да одам таму и да одиграм добар меч против добар тим и добар менаџер. За сите на стадионот, тоа ќе биде посебен момент, за мене ќе биде шанса за три поени. Ако на автобусот кој си оди од М6 до Бирмингем не сум најпопуларниот лик на ‘Енфилд’, нека биде така“, вели Џерард.

Џерард работеше под Клоп кога доби шанса да биде тренер на У-19 тимот на Ливерпул, и вели дека сака да се „проба“ со Германецот.

„Зарем јас треба да кажувам кој е Јирген Клоп и што направил. Кон мене секогаш бил фантастичен, полн со поддршка и ми даде шанса да станам тренер. Но, на крајот, кога ќе почне мечот, ќе се обидам да го победам. Таков сум јас“, додава Џерард.

Scroll to Top