Џорџ Веа, единствениот фудбалер кој освои награда за најдобар фудбалер во Африка, Европа и во светот (1995 година), вели дека ја чека најголемата битка во неговиот живот – остварувањето на 12-годишната амбиција да стане претседател на Либерија.
51-годишниот Веа утре на изборите ќе се судри со Џозеф Боакаи, актуелниот потпретседател, откако уставниот суд ги отфрли жалбите на другите против-кандидати дека првиот круг е одбележан со нерегуларности. Либерија уште страда од последиците од граѓанската војна во 1990-тите и од епидемијата на вирусот Ебола од 2014 до 2016.
„Тука сум поради љубовта кон мојата земја и кон мојот народ. Сакам да станам претседател бидејќи сметам дека можам да направам повеќе за моите луѓе. Знам дека сите се прашуваат зошто поранешен фудбалер би сакал да е претседател на земја, но истото може да го прашате и бизнисменот или адвокатот“, вели Веа.
Тој првпат се кандидираше во 2005 година, но загуби од Џонсон Сирлиф во вториот круг, по што во 2014 година беше избран за Сенатот на Либерија. Тогаш најголемата пречка беше неговото образование, но во последните шест години тој го „поправи“ тоа – доби средношколска диплома во 2006 година на 40 години, по што студираше бизнис менаџмент во Флорида во 2011, пред во 2013 да добие и магистратура во јавна администрација.
Секако, во кампањата, тој зборува и за фудбалскиот пат, откако израсна во едно од најсиромашните предградија на престолнината Монровија.
„Кога почнав да играм фудбал не мислев дека ќе дојдам до ‘Златната топка’. Едноставно имав страст кон фудбалот и работев напорно. Повеќе сакав фудбал отколку јадење и спиење. Кога се преселив во Монако во 1988 не играв првите шест месеци, но тоа не ме обесхрабри“, објаснува Веа.
Посебно место во неговата кариера има Арсен Венгер, тогашниот тренер на Монако.
„Тој ми беше татковска фигура и ме сметаше како свој син. Ова беше човек кој ми покажа што е љубов, кога имаше толку многу расизам. Еден ден бев уморен од тренинзите и му кажав дека имам главоболка. Тој ми кажа: ‘Џорџ, знам дека е тешко, но мораш да работиш. Имаш талент да бидеш најдобриот’. И го послушав и продолжив со тренинзите. Покрај Бог, мислам дека без Арсен немаше да успеам во Европа“, признава Веа.