Додека најголемиот дел од фудбалерите ги користат празниците за одмор во тропските краишта, во скапи хотели и јахти, дефанзивецот на Борусија Дортмунд, Невен Суботиќ (29), има попаметна работа.
Поранешниот српски репрезентативец се наоѓа во Етиопија не на одмор туку да копа бунари на 42 степени Целзиусови. Тој и неговите соработници вршат обиколка на најсиромашниот регион на оваа земја како дел од проектот за изградба на бунари со питка вода.
„За мене не постои друга алтернатива. Лежењето покрај базен во хотел не ме интересира, ова е вистинска работа. Овде се чувствувам како дома бидејќи среќавам извонредни луѓе“, рекол Суботиќ, кој веќе петти пат е во Етиопија.
Неговата фондација во изминатите пет години изградила повеќе од 100 бунари со питка вода во најодалечените региони. Суботиќ добро знае како е да се живее во лоши услови. Во Германија тој пристигна како бегалец од Бања Лука за време на војната во поранешна Југославија.
„Дружењето со овие луѓе ми помага, а целосно ме исполнува работата со децата. Играме фудбал, се шегуваме. Водата е живот и сите мора да ја имаме. Некогаш овие ученици со часови патуваа за да дојдат до вода за пиење, а сега имаат чиста вода и можат навреме да доаѓаат во училиштето. Во светот владее неправда и тоа ми е најголемата мотивација. Јас во животот имав многу среќа и сакам да им ја пренесам и на другите“, рекол Суботиќ.
Инаку, „Дојче веле“ за хуманитарната работа на фудбалерот сними краток документарен филм со наслов „Водата е живот“.