Голманот на Милан, Џанлуиџи Донарума на прославата на 120-годишнината на славните „росонери“ својата награда за најдобар италијански фудбалер до 21 година ја посвети на својот поранешен тренер, Синиша Михајловиќ, кој останува на клупата на Болоња додека се бори со леукемијата.
Донарума честопати зборувал дека Михајловиќ е клучниот човек во неговиот фудбалски развој и сега посочи дека секогаш ќе му биде благодарен за направеното.
„Никогаш нема да заборавам што направи Синиша за мене. Тој имаше храброст да ми даде да дебитирам на 16 години. Тие велат дека јас сум феномен, но јас само мислам дека тој е одговорен за мојот развој“, изјави Донарума.
Тој исто така верува дека и покрај катастрофалниот старт на сезоната на Милан, работите одат на добро.
„Сега е подобро, тимот станува посилен и сакаме да победуваме. Треба да работиме и мислам дека сме на добар пат“, додава Донарума.