Спартак Москва веруваа дека стигнаа до важни три поени против Марибор, пред словенечкиот шампион да ги изненади и да израмни во судското продолжение.
Зе Луис го „скрши“ отпорот на Марибор во 82. минута за да ги донесе московјани во водство, пред босанскохерцеговскиот напаѓач Јасмин Мешановиќ да постигне гол и да ги уништи надежите на Спартак за пласман понатаму. Сега, Спартак ќе мора да направи „чудо“ против Ливерпул ако сака да остане во игра за пласман во осминафиналето.
Тимот на Масимо Карера во долги периоди од мечот како да не беше заинтересиран за напад, додека Марибор на почетокот на второто полувреме беше блиску до водство, кога Марко Шулер ја погоди пречката.
Сега Спартак има еден поен помалку од Севилја и два помалку од Ливерпул. Севилја ги пречекува „Црвените“ од 20.45 часот.