Во фудбалски „слаба“ сабота, најмногу возбуди предизвика дуелот меѓу Зрињски и Железничар во Мостар, во кој домаќините се вратија од 0:3 негатива во 88. минута од мечот. Меѓутоа и во Чешка имаше слична завршница за срцев напад, односно 289. издание на „С дербито“ на Прага.
Спарта Прага водеше 3:0 на полувремето од градското дерби против Славија, и овој резултат беше актуелен сѐ до 70. минута, кога почнува пресвртот. Стох намалува на 3:1, Дели во 83. минута намалува на 3:2, за во 95. минута од пенал Шкода да ги постигне конечните 3:3.
По овој меч, Славија останува на второто место со 42 поени, додека Спарта е шеста со 35 поени. Најмногу „корист“ имаше Викторија Плзењ, тим кој има два натпревари помалку од ривалите и шест поени повеќе од Славија на врвот на чешката лига.