Британската поп-ѕвезда со албанско потекло, Дуа Липа ќе биде главна ѕвезда на отварањето на финалето на Лигата на шампиони меѓу Реал Мадрид и Ливерпул на „НЦС“ олимпискиот стадион во Киев на 26 мај.
Организацијата на настапот пред финалето е во спонзорство на „Пепси“, главниот спонзор на финалето, а Липа е следната ѕвезда по настапите на Блек Ајд Пис и Алиша Киз.
„Бев почестена што УЕФА и ’Пепси’ ме поканија да дојдам на финалето на Лигата на шампионите. Ова е шанса која се добива еднаш. Едвај чекам да почнеме и можам да ветам вистинско шоу“, вели Липа, која минатата година го објави својот деби-албум насловен едноставно „Дуа Липа“.
22-годишната Липа е родена во Лондон во 1995 година, откако нејзините родители се преселија од Приштина во текот на бурните 1990-ти. Во 2008 година таа се врати со семејството на Косово. Нејзиниот татко Дугаѓин Липа, исто така е пејач.