Top Sport

„Ѕвездата“ на Јунајтед, Ерик Џемба Џемба игра во петтата швајцарска лига!

Ерик Џемба Џемба, фудбалер кој беше „рамо до рамо“ со Вејн Руни и Кристијано Роналдо на „Олд Трафорд“, уште се нема откажано од фудбалот и во моментов настапува за Валорб-Балаиже, клуб од петтата швајцарска лига, открива британскиот „Сан“.

37-годишниот Камерунец , кој беше навикнат на фудбал пред 78 илјади луѓе на „Олд Трафорд“, сега игра пред просечни 88 гледачи секоја недела во аматерскиот клуб во близината на Женева, кој има вработено човек кој треба да ја вади топката од ближната река, ако некој се „залета“.

„Го сакам фудбалот и кога ќе завршам со тренинзите, немам проблем да ги носам топките или шишињата со вода. Мојот добар пријател Жак Етонде, со кого пораснав во Камерун, откако завршив со настапите во Индонезија ме праша дали сакам да се пензионирам или да продолжам да играм и ме повика тука“, вели Џемба Џемба, кој имаше 39 настапи за Јунајтед и се смета за едно од најголемите „промашувања“ на Сер Алекс Фергусон.

По Јунајтед, тој играше за Астон Вила и Барнли, пред да игра во Катар СЦ во Доха, па во клубови од Данска, Израел, Србија, Шкотска и Индонезија. Сега, се врати блиску до Франција, каде што во Нант живеат неговите четири деца од претходниот брак.

„Среќен сум во Швајцарија, бидејќи децата ми се блиску. Сега можам да ги видам по два-три часа во воз“, вели Џемба Џемба.

Џемба Џемба беше донесен во Манчестер јунајтед за 3.5 милиони фунти од Алекс Фергусон, неколку дена пред Кристијано Роналдо стави потпис на својот договор.

„Првпат се сретнав со Алекс Фергусон во Франција кога играв за Нант против Марсеј. Јунајтед ги имаа пратено скаутите да го следат Микаел Ландро, но го повикаа Ферги да ме гледа мене. По тој меч, ме повика претседателот на Нант и таму беше Фергусон. Тој се ракуваше и ми ја пофали играта, но тоа беше сѐ. Неколку месеци подоцна ме повикаа во Манчестер“, објаснува Џемба Џемба.

Scroll to Top