Поранешниот дефанзивец на Арсенал, Емануел Ебуе објави дека ќе отпатува на Средниот Исток во обид да ја врати својата кариера на вистински пат.
34-годишниот фудбалер од Брегот на Слоновата Коска, нема играно откако замина од Сандерленд во 2016 година и неодамна беше на насловните страници со неговата трогателна приказна за распадот на неговиот брак, менталните проблеми и размислувањата за самоубиство.
Сега, тој објаснува дека не ја загубил надежта да се врати на фудбалот.
„Сè што сакам е уште еднаш да се вратам на фудбалот. Уште ја имам способноста. Дури би одел во места како Багдад или Пакистан за да играм фудбал. Не ми е грижа каде“, изјави Ебуе во интервју за „Канал плус“.
Ебуе признава дека му е тешко да ги гледа неговите поранешни колеги како уживаат во врвниот фудбал.
„Фудбалот е неблагодарен свет. Веќе не се работи за талентот, туку за парите и бизнисот. Тоа ме боли. Веќе не гледам ТВ кога сум дома бидејќи моите пријатели играат фудбал. Среќен сум за нив, но длабоко во себе сум во солзи“, вели Ебуе.