Монако го ангажираше поранешниот „специјалист“ за трансфери на Челси, Мајкл Еменало на позицијата спортски директор.
52-годишниот поранешен нигериски фудбалер помина 10 години на „Стемфорд Бриџ“ во различни улоги, но замина оваа сезона по гласините за конфликт со тренерот Антонио Конте поради слабиот трансфер-период во текот на летото.
Сега, Еменало ќе има нова улога во шампионите од Лига 1, каде што директно ќе одговара на потпретседателот на клубот, Вадим Василјев.
„Ова е прекрасна можност да влезам во проект со високи квалитети. Монако покажа фантастичен прогрес последните сезони и амбициите се висок. Желбата на Василјев да ме донесе во Монте Карло беше одлучувачка“, вели Еменало, објаснувајќи ја „руската врска“.
Претседател на Монако е 51-годишниот Дмитриј Риболовлјев, руски бизнисмен, откако во декември 2011 година, траст на неговата ќерка Екатерина откупи 66 отсто од акциите на клубот. Преостанатите 33 отсто се во сопственост на владеачкото семејство на Монако, Грималди.
Василјев, во јануари 2013 година стана советник на Риболовлјев, по што беше поставен на позицијата потпретседател на тимот. Тој е одговорен за ангажирањето на играчи, скаутинг, и академијата на клубот.
Во моментите кога Риболовлјев го презеде клубот, Монако играше во Лига 2, пред во мај 2013 година да се врати во Лига 1. Во 2013 година, клубот потроши 146 милиони фунти на засилувања, носејќи ги Радамел Фалкао, Џејмс Родригез, Жоао Мутињо, Рикардо Карваљо и Ерик Абидал.
Минатата сезона, и покрај очекувањата дека Пари Сен-Жермен ќе бидат апсолутни фаворити за титулата, Монако успеа да ја освои титулата, предводени од 30-те гола на Фалкао и 26-те на тинејџерот Килијан Мбапе. Ова беше прв трофеј за тимот од Монте Карло по 17 години. По ова, тие се согласија да го дадат на заем Мбапе на Пари Сен-Жермен, со обврска на крајот на сезоната ПСЖ да платат 180 милиони евра за францускиот тинејџер.