Top Sport

Емери: По 22 години на Венгер во Арсенал, морав да „излуфтирам“

Откако беше избран да биде човекот кој ќе го замени Арсен Венгер по неверојатни 22 години на чело на Арсенал, шпанскиот тренер Унаи Емери признава дека морал да ги „отвори прозорците“ на „Емирати“ за да внесе свеж воздух во клубот.

Поранешниот тренер на Севилја и на Пари Сен-Жермен го даде првото детално интервју по преземањето на лондонскиот клуб за шпанска „Марка“ и објасни како точно дошол на чело на клубот.

„Иван Газидис, поранешниот директор на Арсенал веднаш ми кажа дека има листа од осум тренери кои биле интервјуирани и дека Артуро Кањалес инсистирал дека јас сум вистинскиот кандидат. Не бев навикнат да бидам само еден од листата на кандидати, но добро се подготвив, иако стравував поради слабиот англиски. Одлуката беше лесна“, вели Емери.

Тогаш дојде потешкото – менување на еден систем под кој се работело повеќе од две децении.

„Денеска, многу е тешко, речиси неверојатно еден тренер да ’трае’ 22 години. Моравме да ги поместиме столчињата, и тоа не поради некоја небрежност, туку за да ги мотивираме луѓето. Да ги растресеме, да ставиме некои работи под тепих, да отвориме прозорци и да ’излуфтираме’, само позитивни работи. Тие нема да се сменат, мораш сам да ги направиш работите“, додава Баскиецот.

Во англиските медиуми веднаш се појавија „приказните“ за промените кои тој ги направил – забраната на овошните сокови, на пример.

„Имаше некои навики кои можевме да ги подобриме. Заедно со нутриционист и тренерот за фитнес решивме да се ослободиме од соковите со шеќер, но тоа го правам и дома – не јадам шеќер, поздрава храна. Знам дека ме следи репутација на тренер кој можеби понекогаш е ситничав, но верувајте работам напорно“, додава Емери.

Фото: ЕПА

Scroll to Top