Унаи Емери е пред отказ во Арсенал, и членовите на тимот чекаат само кога ќе се случи тој момент, јавува обично доверливиот портал „Гол“.
Поранешниот тренер на Пари Сен-Жермен успеа да стигне до само две победи со „топчиите“ во последните 11 меча во Премиер лигата, и е „сигурен“ оваа недела, за дуелот во Лига Европа против Ајнтрахт Франкфурт во четврток.
48-годишниот Баскиец беше испратен со свирежи и со банери кои бараа негово заминување во саботата, кога Арсенал губеше со 0:2 од Саутемптон, пред Александер Лаказет да „спаси“ 2:2 реми во судиското продолжение.
„Се работи за резултати, кои едноставно ги нема. Сите сметаат дека е само прашање на време. Клубот не е на колена, атмосферата е добра, но сите чекаат да им се каже веста за неговото заминување“, вели еден извор на клубот за „Гол“.
Ако не успее да оствари резултат против Франкфурт, тогаш гостувањето кај Норич сити во недела ќе биде последен тест за Емери. Фреди Љунгберг, тренерот на првиот тим, би бил преодно решение на „топчиите“, со Масимилијано Алегри како посакуван постојан тренер.