Да се живее со презимето Зидан може да биде благослов, но и клетва за секој член на семејството на славниот француски фудбалер Зинедин Зидан, посебно кога кариерата ја градиш во фудбалот, вели Енцо Зидан.
Синот на поранешниот тренер на Реал Мадрид вели дека притисокот честопати значи дека тој е неправедно критикуван посебно во споредба со фудбалери кои немаат таков татко.
„Тоа го знам од моето детство, и секогаш ќе биде така и нема да се смени. Се обидувам да се тргнам од тоа и да се фокусирам да направам најдобар Енцо. Луѓето споредуваат, критикуваат, сакаат повеќе од тебе само бидејќи си нечиј син. Другите ќе бидат критикувани поради своите квалитети. Но, за мене најважно е моето семејство да биде гордо на мене. И кога растев бев само Енцо“, вели Енцо Зидан во интервју за „Марка“.
Откако си замина од Реал Мадрид, 23-годишниот играчот од средниот ред не успеа да најде постојан тим и реши следната сезона да почне од почеток, со настап за новиот шпански второлигаш од Мадрид, Рајо Махадахонда.
„Кога бев помлад и поминав низ академијата и учев од соиграчите, целта беше да бидам што е можно подобар. Мадрид е најдобриот тим на светот, но таму е тешко да се најде место. Животот на фудбалерите е таков. Затоа ги оставив убавите спомени и почнувам со нов сон“, додава Зидан Јуниор.