Андер Ерера вели дека фудбалерите на Манчестер јунајтед мораат да ја прифатат одговорноста за новата разочарувачка сезона за „ѓаволите“, додавајќи дека сите се разочарани за втора сезона едноподруго без трофеј, додека за пласман во Лигата на шампионите им е потребно „чудо“.
„Не сакам да зборувам лично, туку како тим. Фудбалот е тимски спорт и мора да се анализира сезоната така и секако дека сме разочарани. Да бидам искрен, кога ќе биде отпуштен менаџер, како што беше кај нас, за мене и тоа е одговорност на фудбалерите. Мораме да го признаеме тоа и да признаеме дека не ги остваривме целите на клубот. Не се боревме за титули, така што сите сме виновни“, вели Ерера, кој најверојатно ја игра последната сезона во Манчестер јунајтед.
Тој исто така застана во одбрана на својот сонародник, голманот Давид де Хеа, кој имаше ужасни неколку мечеви во низа.
„Секако дека Давид е разочаран бидејќи никој не сака да прави грешки. Но, ако некому тоа му е дозволено, тоа е Давид бидејќи тој ни донесе многу поени последните неколку години и најверојатно е нашиот најдобар фудбалер последните седум-осум години“, додава Ерера.