Андер Ерера вели дека нема да му пречи да игра во „омразениот“ Пари Сен-Жермен, и очекува големи успеси со францускиот гигант.
Шпанскиот играч од средниот ред си замина од Манчестер јунајтед по пет години како слободен играч, откако „ѓаволите“ не му понудија доволно висока плата, откако освои трофеи од Лига Европа, ФА купот и Лига купот во Англија. Сега, тој признава дека да си фудбалер на ПСЖ со себе носи одредена омраза од ривалите во Франција и во Европа поради паричната моќ на клубот, но додава дека е подготвен.
„Клубот има репутација на вистински гигант. Клуб кој е почитуван, кој има класа, во кој играат три или четири од најдобрите светски фудбалери. Но, во исто време тоа е еден од најомразените клубови во Франција и тоа ми се допаѓа“, вели Ерера во интервју за „Франс фудбал“.
ПСЖ ќе биде четврт клуб за Ерера во кариерата по настапите за Реал Сарагоса и Атлетик Билбао и тој вели дека немал опција да остане во Англија.
„Дојдов во ПСЖ поради нивниот проект и поради тоа што сакам да играм за голем клуб. Не можев да се видам во друг англиски клуб, бидејќи кога си играл за Манчестер јунајтед тешко е да одиш на друго место. Бев среќен во Атлетик Билбао и во Манчестер јунајтед, но сега е време за друг предизвик“, вели Ерера.