Французинот Лукас Ернандез вели дека пристигнал во Баерн Минхен со единствена желба – да освои сѐ што може да се освои бидејќи се работи за еден од „петте најдобри клубови на светот“.
23-годишниот Ернандез дојде од Атлетико Мадрид за рекордни 80 милиони евра, ставајќи крај на 12-годишниот престој во Шпанија, каде што произлезе од младинската школа на Атлетико, пред во 2014 да добие место во првиот тим и да ја освои титулата од Лига Европа и УЕФА Суперкупот со клубот. Тој исто така стана редовен во француската репрезентација и беше дел од тимот кој го освои СП во Русија минатата година и сега е „гладен“ за титули со Баерн.
„Не мора да престојувате долго тука за да ја сфатите димензијата на овој клуб. Има глад за успех од првиот ден и тоа ми одговара. Сакам да освојам сѐ со Баерн и затоа дојдов во Германија. Се надевам дека ќе успееме во тоа. Половина мој живот поминав во Мадрид, и искрено, новиот проект на Атлетико е ветувачки. Но, мислев дека промената добро ќе дојде и сакав да се докажам во овој клуб. Баерн е еден од петте најголеми клубови на светот и таква шанса не се одбива“, вели Ернандез.