Патрис Евра вели дека за малку ќе се пресметал со Луис Суарез во центарот на Манчестер по (не)славниот инцидент со расизам со уругвајскиот фудбалер, но дека се откажал од тоа кога забележал дека тој е со сопругата и децата.
Во 2011 година, поранешниот напаѓач на Ливерпул беше обвинет дека користел расистичка навреда кон Евра на „Енфилд“ во дербито со Манчестер јунајтед. Суарез доби казна од 40.000 фунти од ФА и суспензија од осум меча, но Ливерпул го поддржаа Уругваецот и фудбалерите носеа маички со поддршка за Суарез.
40-годишниот Евра вели дека сакал да се пресмета со Суарез кога го видел во центарот на Манчестер, но дека потоа забележал дека зад него биле сопругата и децата.
„Еден ден шетав во Динсгејт во Манчестер со мојот брат и тој ми кажа: ‘Ене го Луис Суарез’. Бев со двајца од моите браќа и си помислив: ‘Ова е моментот’. Но, тогаш ги видов неговите деца и сопругата. И се свртев. Што и да мислев да направам не можев тоа да го правам пред семејството. Не жалам, бидејќи ќе завршеше лошо“, вели Евра.
Евра откри дека подоцна се ракувал со Суарез на финалето од Лигата на шампионите помеѓу Јувентус и Барселона.
„Зборував со Нејмар, и тој помина и ми пружи рака и ме праша: ‘Дали си океј’. Реков, океј. Нема лутина, но сигурно нема да одиме на одмор заедно. Никој не се родил расист“, додава Евра.