Цеск Фабрегас во својата блескава кариера играше за Арсенал и Челси, но признава дека неговите настапи на „Хајбери“ и „Емирати“ остануваат посебни и дека тој останува човек на Арсенал.
Фабрегас пристигна во северен Лондон од славната академија на Барселона, „Ла Масија“ во 2003 година на само 16 години и стана најмладиот фудбалер со настап во првиот тим кога дебитираше во Лига купот неколку месеци подоцна. Тој помина осум сезони од Арсен Венгер, со над 300 настапи и го освои ФА купот во 2004/05.
Потоа тој се врати во Барселона, пред да замине во Челси, два клуба со кои го освои лигашкиот трофеј кој му „избега“ со Арсенал, но тој целосно се согласува со Тјери Анри дека „црвена е неговата боја“.
„Кога ќе помислиш, ти си во црвен дрес. Знам дека луѓето ќе кажат дека ја освои лигата со Челси, но ти си човек на Арсенал“, му вели Анри на Фабрегас во разговор преку Инстаграм.
„Сум и ќе бидам до крајот на мојот живот. Никогаш не помислував дека ќе имам различни емоции за тие два тима, но кога одиш таму и разговараш со луѓето, стануваш важен. На крајот имаш толку љубов за тимот. Не можеш да заборавиш од каде доаѓаш, а јас дојдов од академијата на Барселона и тоа нема да го заборавам, но на највисоко ниво се докажав во Арсенал и тоа не може да се заборави. Имав среќа што играв со фудбалери како тебе, Ешли Кол, Роберт Пирес, Патрик Виеира, Сол Кемпбел…. Никој не може да ме слушне да кажам нешто лошо за Арсенал, дури и кога бев во Челси и победував таму“, вели Фабрегас.
33-годишниот ветеран во моментов е во Лига 1 со тимот на Монако, откако си замина од Челси во јануари 2019.