Top Sport

Фелаини: Не трчав во пари, ќе останев да останеше Мурињо

Маруан Фелаини инсистира дека неговиот трансфер од Манчестер јунајтед во кинескиот Шандонг Луненг не е инспириран од желбата за заработувачка, додавајќи дека би останал на „Олд Трафорд“ да останеше Жозе Мурињо како менаџер на „ѓаволите“.

„Заминав во Шандонг Луненг бидејќи тие беа заинтересирани повеќе од една година за мене. Подготвен бев за нов предизвик, за нова култура, за нов живот. Имам 31 година, но потпишав три годишен договор. Можев да одам во некој европски клуб и да бидам важен уште година-две. Но, по 10 години и 350 меча во Англија, сакав нешто ново и среќен сум со мојата одлука“, вели Фелаини во интервју за белгискиот „Хет ниувсблад“.

Тој признава дека не секогаш му било лесно на „Олд Трафорд“.

„Мојата прва сезона со Јунајтед беше тешка, но мислам дека си заминав како респектиран фудбалер. Го дадов мојот максимум за клубот, одиграв толку натпревари и постигнав голови. Работев со супер фудбалери и менаџери во еден од најголемите клубови на светот. Немам омилен менаџер, работев добро и со Дејвид Мојс и со Луис ван Гал и со Мурињо и научив многу од нив. Дали ќе останев ако останеше Мурињо? Па, имав договор со Јунајтед за уште две сезони, така што најверојатно уште ќе бев таму“, признава Фелаини.

Scroll to Top