Бруно Фернандеш ги отфрли тврдењата дека со фотографијата на која е меѓу Рафаел Варан и Ерик Баји сакал да прати порака дека не го поддржува капитенот на Манчестер јунајтед, Хери Мегваер.
Последните недели околу „ѓаволите“ имаше многу шпекулации дека од Мегваер било побарано да ја предаде капитенската лента на сонародникот Кристијано Роналдо и пораката на Фернандеш дека се чувствува „безбедно меѓу овие двајца“ беше протолкувана како поддршка за Роналдо. Фернандеш мораше да одговори.
„Искрено, мислам дека луѓето за овој клуб имаат посебни теории. Секоја недела има некоја приказна околу нас. Објавив фотографија на Инстаграм каде сум со Рафа и Ерик и кажав дека сум безбеден. Безбеден во смисла ако некој дојде, тие може да ми се телохранители, а ме обвинија дека плукам по Мегваер. Но, тој не беше единствениот дефанзивец кој не беше не фотото, го немаше ниту Виктор Линделоф, ниту Фил Џонс. Луѓето сакаат да креираат приказни околу нас, но ние сме единствени и се фокусираме на работата. Сите сме задоволни со Хери бидејќи е тешко да се биде на негово место во последните натпревари во кои имавме лоши денови. И тоа не бидејќи Хери не игра добро, или Бруно не игра добро, тоа е бидејќи тимот не игра добро“, вели Фернадеш.