Top Sport

Фернандеш: Сите во Јунајтед веруваат во Пол Погба

Последното засилување на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш очекува да биде одличен партнер со Пол Погба по неговото враќање на терените по паузата поради повреда, оценувајќи дека сите во клубот имаат „огромна доверба“ во квалитетите на Французинот и покрај шпекулациите дека ова лето тој ќе замине од „Олд Трафорд“.

27-годишниот Погба се врати во Јунајтед за 100 милиони евра летото 2016 година по четири години во Јувентус, но оттогаш е постојано цел на критики бидејќи не ги покажа своите квалитети на сличен начин како што направи во Јуве и во француската репрезентација.

Фернандеш, пак, пристигна во Манчестер од Спортинг Лисабон за 55 милиони евра во јануари, и внесе жар во играта на клубот, по што многумина сметаа дека на „ѓаволите“ веќе не им е потребен Погба. Тој не мисли така.

„Многу сум возбуден што ќе играм со него и мислам дека имаме одлични фудбалери од средниот ред. Секако, тој беше повреден долго време, но сите ги знаеме неговите квалитети. Пол доаѓа од лош момент поради повредата, а кога играше тимот не беше добар и очекувањата беа огромни бидејќи се работи за врвен фудбалер.  Сите очекуваат од него да биде како Роналдо во Јувентус или Меси во Барселона. Но, тоа покажува и доверба во него. Сите имаме голема доверба во него и неговите квалитети“, вели Фернандеш.

Scroll to Top