Top Sport

Фернандо Алонсо: Нормално, Роналдо е подобар од Меси

„Вечната“ дилема околу тоа кој е најдобриот фудбалер на денешницата се префрли и во Ф1 светот, каде што Фернандо Алонсо, инаку огромен навивач на Реал Мадрид, вели дека е „јасно“ дека Кристијано Роналдо е подобар од Лионел Меси.

Возачот на Мекларен и двократен светски шампион, неодамна беше официјално презентиран како почесен член на клубот, иако таа „титула“ ја доби уште во 2012 година. Во интервју за бразилскиот „Глобоеспорте“ пред Бразилското ГП, тој зборува за својата љубов кон белиот дрес.

„Бев роден да бидам навивач на Реал Мадрид. За мене, Кристијано е нормално подобар од Меси. Секако, Меси има огромен талент, но како навивач на Реал Мадрид, заинтересиран сум само за играчите на ’Лос бланкос’“, вели Алонсо.

Шпанецот признава дека се обидува да игра што е можно повеќе фудбал во слободното време, но додава дека има и љубов кон бразилските играчи на Реал и ја смета репрезентацијата на Бразил за фаворит на СП следната година.

„Уште го сакам многу фудбалот и се обидувам да играм понекогаш, но искрено, најмногу уживам кога гледам на ТВ. Ми се допаѓаат Марсело и Касемиро, двајца одлични Бразилци во Реал. Тешко е да се даваат прогнози, но мислам дека Бразил се фаворити. Ние имаме силен тим, и би било прекрасно да гледаме финале Шпанија-Бразил“, објаснува Алонсо.

Scroll to Top