Франција со 3:1 ја совлада Русија во Санкт Петербург во вторникот, во меч во кој кон Пол Погба и Усман Дембеле дел од руските навивачи упатија мајмунски извици, по што ФИФА потврди дека ќе покрене истрага.
Погба и Дембеле не коментираа за инцидентите, но ФИФА потврди дека ќе има истрага и казна доколку се утврди дека постоеле расистички извици.
„ФИФА ги собира извештаите од мечот и потенцијалните докази околу дискриминаторскиот инцидент за кој известија медиумите. Додека не се соберат сите докази и информации нема да даваме други коментари“, изјавија од ФИФА.
Француската министерка за спорт, Лора Флесел веднаш побара да има акција на „интернационално ниво“.
„За расизмот нема место на фудбалскиот терен. Мораме да работиме заедно на европско и на интернационално ниво за да го спречиме ова нетолерантно однесување“, напиша Флесел.
Минатата недела, УЕФА покрена слична постапка против Зенит, на чиј стадион „Крестовски“ се играше мечот, поради расистички извици кон играчите на РБ Лајпциг.
Фото: ЕПА