Фиорентина на последниот ден од летниот преоден рок се согласи да го прати Софијан Амрабат на позајмица во Манчестер јунајтед, но со посебна клаузула успеале да ги заштитат интересите на клубот, тврди „Дејли мирор“.
Со клаузулата во позајмицата, договорот на Амрабат со Фиорентина ќе биде автоматски продолжен за уште една сезона доколку Јунајтед не решат да го купат фудбалерот од средниот ред на крајот на едногодишната позајмица. Двата клуба договориле сума за откуп на договорот, но не се работи за обврска, што значи дека Јунајтед не мораат да го купат Мароканецот.
Амрабат имаше над 100 настапи за Виола и има 49 настапи за репрезентацијата за Мароко, така што е отворена можноста тој да се врати во Серија А на крајот на сезоната.