Top Sport

Фоден повторно е најдобар млад играч во Премиерлигата

Фудбалерот на Манчестер Сити, Фил Фоден е прогласен за најдобар млад играч во Премиер лигата за сезоната 2021/22. Оваа награда Фоден ја доби и минатата сезона.

Фоден, сезонава постигна девет гола со пет асистенции на 27 одиграни натпревари, со што го донесе Сити на чекор до освојување на титулата. Сепак, шампионската титула граѓаните ќе треба да ја потврдат во последното коло.

Статистички, Фоден придонесе за својот тим оваа сезона со гол или асистенција на секои 146 минути и тоа е најдобрата статистика за играч до 21 година во лигата, под услов да одиграл најмалку 500 минути.

„Многу сум горд што ја добивам оваа награда втора година по ред. Задоволен сум од моите игри оваа сезона и беше одлично што на тој начин придонесов за добрите резултати на тимот. Навистина е голема чест да се освои оваа награда во толку силна конкуренција“, изјави Фоден за веб-страницата на Манчестер Сити.

Во конкуренција за наградата, заедно со Фоден оваа сезона беа Трент Александар-Арнолд (Ливерпул), Конор Галагер (Кристал Палас), Тајрик Мичел (Кристал Палас), Мејсон Маунт (Челси), Арон Рамсдејл (Арсенал), Деклан Рајс (Вест Хем) и Букајо Сака (Арсенал).

Scroll to Top