Поранешниот тренер на Рома, Пауло Фонсека вели дека имал несогласувања со новиот спортски директор на Тотенхем, Фабио Паратичи околу неговиот напаѓачки стил на фудбал и затоа не станал нов менаџер на лондонскиот клуб.
По отпуштањето на Жозе Мурињо во април, Тотенхем преговараа со повеќе тренери, вклучувајќи ги и Џенаро Гатузо, Антонио Конте, стариот тренер Маурисио Почетино и Брендан Роџерс од Лестер, но се веруваше дека работата е завршена со Фонсека, и англиските медиуми објавија дека тој во јуни договорил двегодишна соработка.
48-годишниот Фонсека вели дека главна пречка за остварување на договорот бил Италијанецот Паратичи, по што се решиле да го ангажираат неговиот португалски сонародник, Нуно Еспирито Санто.
„Договорот беше готов, веќе ја планиравме пред-сезоната, а Тотенхем сакаа офанзивен тренер. Но, работите се сменија со доаѓањето на новиот директор и не се согласувавме за некои работи и тие решија да одат со друг тренер. Јас имам одредени принципи, сакам да бидам тренер на големи клубови, но само ако веруваат во моите идеи. Претседателот Леви бараше да се гради тим со атрактивен и напаѓачки фудбал и јас бев подготвен. Сите мои тимови играат така“, вели Фонсека.