Слободниот трансфер на Кристијан Ериксен во Брентфорд може да биде „најголемото засилување во историјата на клубот“ вели менаџерот Томас Франк, посочувајќи дека неговиот дански сонародник е во „совршено“ здравје.
29-годишниот Ериксен го раскина договорот со Интер откако му беше вграден мини-дефибрилатор (ИЦД) по срцевиот напад на ЕУРО 2020 и не смееше да игра во италијанската лига поради нивните здравствени правила. Сепак, во Премиерлигата тој може да игра и иако нема да биде достапен првите неколку недели, Франк вели дека сите во клубот се воодушевени што го добиле.
„Тој е потенцијално најголемото засилување во историјата на клубот. Ќе биде неверојатно кога ќе излезе на теренот. Сите видовме што му се случи, и ќе биде добар ден кога ќе заигра. Тој е фудбалер со огромно искуство, а покрај тоа што е вистинска ѕвезда, се работи за многу скромен и приземен човек. Ќе пристигне во недела и ќе тренира со тимот во понеделник. Неговото здравје е совршено, и сега треба да го вратиме во физичка подготвеност за мечеви“, вели Франк.