Фудбалот и високото образование ретко се споменуваат заедно во една реченица. Во модерниот фудбал, играчите најмногу се фалат со својата заработувачка, преку скапите автомобили, летувањата на егзотични дестинации и слично.
Но, тоа не е случај со босанскохерцеговскиот фудбалер Недељко Малиќ, кој покрај тоа што добро заработува во австрискиот Матерсбург (поранешниот клуб на нашиот репрезентативец Илчо Наумоски), не го занемари и образованието – тој е на чекор до титула доктор по технички науки, енергетика.
„Дојдов во Австрија како дете, веднаш по завршувањето на средното училиште и без семејство. Животот ми беше едноставен – тренинг, натпревари, книги. На многумина им беше чудно што се фокусирав на образованието, бидејќи е редок случај фудбалерите да студираат, но сигурно не сакав да останам само со средно училиште“, вели 29-годишниот фудбалер од Бања Лука во интервју за „Спортспорт.ба“.
Тој вели дека речиси на сите соиграчи им било чудно што се фокусирал на студирањето.
„Тие не знаеја дека студирам, бидејќи не сакав да се фалам со тоа. Кога дознаа им беше интересно и чудно. Беа горди, но им беше чудно што човек што кога дојде во Австрија без познавање на германскиот јазик стигнал толку далеку. Докторатот ќе почека малку, бидејќи во меѓувреме добив ќерка и имам помалку време. Исто така станав капитен на клубот и морам да бидам достапен на новинарите и на сите во клубот“, објаснува Малиќ.
„Виновник“ за доаѓањето на Малиќ во Австрија во 2006 година е кај поранешниот репрезентативец на Босна и Херцеговина, Аднан Мравац.
„Мојот кум Мравац е од Бања Лука, како и јас, а бидејќи живееше во близината на стадионот на БСК, каде што играв, дојде да погледа еден натпревар. Беше воодушевен, бргу се запознавме и ме праша дали сакам да дојдам на проба во Матерсбург. Прво не му верував, бидејќи не го познавав, но потоа кога зборуваше со моите родители, сфатив дека има добри намери. Имав само 17 години“, додава Малиќ.