И покрај тоа што го постигна својот осми интернационален гол на пријателскиот натпревар со Јапонија, напаѓачот на Манчестер сити, Габриел Жесус вели дека уште го чека работа за да обезбеди место во бразилскиот тим за СП во Русија.
Иако многумина сметаат дека Жесус е совршен во партнерството со Нејмар во нападот на „Селесао“, 20-годишниот напаѓач сака да остане скромен и вели дека го чека многу работа.
„Кога ќе слушнам дека имам гарантирано место на Светското првенство, се смеам, бидејќи ова е бразилската репрезентација. Тука нема гарантирани места. Денеска можеби ќе играм, утре некој друг ќе биде на моето место. За да бидеш во ’Селесао’ треба да го заслужиш тоа“, вели Жесус.
Младиот напаѓач на Сити исто така вели дека не видел промена во однесувањето на првата ѕвезда на тимот Нејмар по сите шпекулации во медиумите околу неговото незадоволство во Пари Сен-Жермен, каде што дојде со рекорден трансфер од 222 милиони евра.
„Не забележав ништо поинаку. Тој е одлично момче, насмеано и го сака тоа што го прави, исто како мене. На теренот секогаш е во одлично расположение и тоа влијае добро на сите“, вели Жесус.