Поранешниот генерален директор на Милан, а сега прв човек на второлигашот Монца, Адријано Галијани открива дека Андреа Пило се „смеел како луд“ кога му се јавил да му честита за шансата да стане тренер на Јувентус.
Пирло прво беше промовиран како тренер на У-23 тимот на „старата дама“, пред овој викенд да биде промовиран во тренер на првиот тим по отказот за Маурицио Сари по елиминацијата во ЛШ од Лион.
Галијани работеше со Пирло кога тој играше за Милан и вели дека нема сомнеж дека тој е подготвен, иако додава дека ниту самиот Пирло не верувал дека добил таква шанса.
„Кога се слушнав со Андреа на телефонот, тој се смееше како луд. Се сретнавме во Монцело на 5 август за пријателската на Монца со У-19 тимот на Јувентус и му кажав: ’Ќе видиш Андреа, ќе имаш голема кариера’. Но, не мислев дека ќе му бидат потребни само три дена да стигне до клупата на Јувентус! Му кажав дека мислев дека ќе му требаат неколку месеци“, открива Галијани за „Кориере дело спорт“.
Галијани додава дека и додека бил фудбалер, било јасно дека Пирло еден ден ќе биде тренер.
„Го сфаќав тоа уште тогаш. Тој беше тренер и кога играше и резултатите не лажат. Ако морам да го опишам со еден збор, би кажал интелигентен. Андреа постојано учеше, дали од противниците, дали од тренерите, дали од соиграчите. Нема да му оди лошо, верувајте“, додава Галијани.