Поранешниот претседател на Барселона, Жоан Гаспарт не ги штедеше зборовите за двајца играчи кои заминаа од Блауграна – Луиш Фиго и Нејмар.
Трансферот на Португалецот Фиго од Барселона во Реал Мадрид за 62 милиони евра во јули 2000 беше еден од најшокантните во историјата на шпанскиот фудбал, и го означи стартот на „Галактико“ ерата на претседателот Флорентино Перез.
Многу фанови на Барселона се почувствуваа предадени од Фиго, кој беше лидер и капитен на Каталонците, и на следното гостување на Реал на „Ноу Камп“ по него беа фрлани дури и свински глави!
Гаспарт во интервју за радиото „Марка“, покажа дека уште постои „лоша крв“.
„Можниот трансфер на Нејмар во Мадрид не може да се спореди со тој на Фиго. Фиго замина со предавство и без време да се обнови тимот, и беше страшливец кој не предаде. Нејмар си замина поради пари“, вели Гаспарт.
Тој исто гледа можност Жерард Пике во иднина да стане претседател на Барселона.
„Пике би можел да го направи тоа. Го познавам од времето кога беше дете и покажува дека е добар како бизнисмен. Ако Бекенбауер, Вилјар или Платини можат да го направат тоа, зошто не и Пике?“, додава Гаспарт.
Тој е задоволен од формата која ја покажува Барселона под водство на Ернесто Валверде.
„Тој не смени ништо, бидејќи уште не загубил! Си користи свои тактики со играчите кои ги има. Уживам да ја гледам Барселона кога победуваме. Ако Барселона игра лошо и победи, јас си легнувам среќен“, објаснува Гаспарт.