Новиот тренер на Милан, Џенаро Гатузо се пожали дека „росонерите“ уште не е играат како тим и мораат да преземат поинаков приод за мечот против Аталанта бидејќи „ризикуваат“ ново посрамотување во неделниот меч.
Последните неколку дена Милан беше на еден вид „казнена“ експедиција, во изолација за зближување на тимот и како казна за 3:0 поразот од Верона.
„Работевме напорно и поминавме доста часови на тренинг. Проблемот со овој тим не е во начинот на кој се работи, но потребен ни е отров, желба за борба и лутина. Постарите фудбалери имаат искуство и знаат како да ги решат работите. Но, при први проблеми, тимот веќе го нема. Можете да го видите тоа од снимките. Мораме да работиме ментално, бидејќи физички сме подготвени. Уште не ја сфаќаме опасноста“, вели Гатузо.
Тој демантира дека понудил оставка по 3:0 поразот од Верона, и дека немало бунт на фудбалерите.
„Беше известено дека сум понудил оставка, но јас не се откажувам така лесно. Бев на состанок во седиштето за да разговарам за тренинзите. Ова е голема шанса и предизвик за мене и знаев дека нема да е лесно. Треба 400 милиони фанови да ги направиме среќни. Бевме посрамотени. Се надевам дека навивачите нема да протестираат. Ако сме лоши, нека не исвиркаат кога ќе заврши мечот. Во ломбардиското дерби со Аталанта мораме да бидеме подготвени, за да не ни се случи нова катастрофа“, додава Гатузо.