Тренерот на Милан, Џенаро Гатузо си поднел оставка на функцијата откако не успеа со тимот да избори пласман во Лигата на шампионите. Два дена по завршувањето на сезоната во Серија А, Гатузо потврдил дека заминува, иако со клубот има договор и за наредните две сезони.
„Заминувањето од Милан не е лесно, но морав да донесам таква одлука. Тоа е резултат на мојата 18 месечна работа. Одлуката е болна, но целосно исправна“, изјавил Гаузо за весникот „Република“.
Гатузо, кој како играч 13 години го носеше дресот на Милан, се откажал од сите плати што му следувале до истекот на договорот.
„Мојата приказна со Милан никогаш не може да се гледа преку парите“, рекол членот на една од најславните генерации во историјата на клубот.
Гатузо тренер на Милан стана во ноември 2017 година. Претходно бил тренер на Пиза, ОФИ од Крит, Палермо и Сион.