Тренерот на Милан, Џенаро Гатузо луто реагираше на шоекулациите дека клубот ќе мора да ги продаде своите најдобри фудбалери за да ги исполни побарувањата на УЕФА околу финансискиот фер-плеј.
Прв „фаворит“ за заминување е Гонзало Игуаин, на пола сезона откако дојде, откако УЕФА му се закани на Милан со исфрлање од Европа и голема казна, но Гатузо вели дека клубот ќе ги задржи клучните играчи.
„Вие веќе ги спакувавте и ги испративте. Доаѓа Божиќ, па ги завиткувате како подароци и ги ставате под елката. Сите работи кои ги пишувате за трансферите во јануари и финансискиот фер-плеј е нешто што е во вашите глави. Никој не дојде кај мене со такви информации. Вие велите дека треба да ги продадеме Чалханоглу, Сусо, Игуаин, не јас. Јас сум подготвен да се фрлам во оган за моите фудбалери, така што многу ме иритира кога ги напаѓате така моите момчиња“, вели Гатузо.
Тој посебно беше лут за шпекулациите околу Игуаин, кој нема постигнато гол во последните шест натпревари и „постот“ трае од 28 октомври.
„Зборував со Гонзало, и тој е најразочаран од ситуацијата. Мора да ни даде дел од неговиот карактер, од неговото искуство, па головите сами ќе дојдат“, додава Гатузо.
Фото: ЕПА