Како што пренесе „Фајненшал тајмс“, сопственикот на Фулам и франшизата во американскиот фудбал, Џексонвил Џегуарс, Шахид Кан, ќе ја добие сопственоста врз стадионот „Вембли“. Кан, постигнал договор со Фудбалската асоцијација (ФА), да плати за стадионот 600 милиони фунти.
Конечната одлука помеѓу ФА и Американецот со пакистанско потекло, треба да биде донесена утре, а продажбата ќе ја потврди Управниот одбор кој има десет члена. Потоа оваа одлука ќе биде презентирана и пред советот на ФА, кој има 127 членови.
Шахид Кан, во април ја започна акцијата за купување на стадионот, а тогаш се шпекулираше дека понудил 800 милиони фунти. Тогаш тој истакнал дека сака франшизата Џексонвил Џегуарс да ја пресели во Лондон.
ФА, во јануари, соопшти дека долговите со кои се стекна по изградбата на стадионот ќе бидат исплатени дури во 2024 година и дека на кредиторите требало да им бидат исплатени уште 140 милиони фунти.
Изградбата на новиот „Вембли“ чинела 757 милиони фунти.