Играчот на Борусија Дортмунд, Ларс Штриндл со гол во 93-тата минута ги спаси светските шампиони Германија од пораз од разиграната Франција на пријателскиот меч на „Рајн енерџи“ стадионот во Келн, не дозволувајќи му на Александер Лаказет да има вечер од соништата на Рајна.
Пред мечот, германскиот селектор Јоаким Лев, како и дефанзивецот Матс Хумелс го испофалија францускиот млад состав, зборувајќи во суперлативи за Килијан Мбапе, но на крајот човек на мечот беше Александер Лаказет, играчот на Арсенал, кој кај Арсен Венгер не добива голема минутажа.
Првиот гол на Лаказет беше посебно импресивен, откако ѕвездата на Манчестер јунајтед, Антони Марсијал му даде совршена асистенција во 33. минута за водство на „Галските петли“ во Келн. Дека и Германците имаат талент, покажа 21-годишниот Тимо Вернер, кој во 56. минута израмни со одличен продор во шестнаесетникот на Французите.
Лаказет повторно „удри“ во 71. минута, кога доби добра топка од Мбапе, избегнувајќи ја офсајд-стапицата за ново водство на гостите. Сепак, фудбалот се игра 90 минути, и Германците по една одлична акција во 93. минута, успеаја да израмнат преку Штриндл.
Со ремито, Германија ја комплетираше 2017 година без пораз, по совршените 10-0 во квалификациите за СП, и по освојувањето на титулата од Купот на конфедерациите токму во Русија.