Top Sport

Германија ја почнува одбраната, Бразил го почнува „ловот“

По маратонската сабота со четири меча на Мундијалот, денеска повторно се враќаме на три натпревари, во кои Германија и Бразил ќе го почнат походот кон мундијалската титула.

Но, прво, во 14 часот во Самара, својот старт ќе го има репрезентацијата на Србија против аутсајдерот Костарика, во кој тимот на Младен Крстајиќ ќе мора да оди на победа ако сака да сонува за пласман во втората рунда.

Костариканците можеби се аутсајдери, но само пред четири години тие славно стигнаа до четврт-финалето откако беа први во група во која беа Англија, Италија и Уругвај. Србија пак, ќе го бара првиот пласман подалеку од групната фаза, во тим полн со таленти, посебно во средината на теренот – Немања Матиќ, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Душан Тадиќ.

Во 18 часот, одбраната на трофејот ќе го започне и „маншафт“ во дуел со Мексико, во кој мора да покажат дека променливата форма во пријателските натпревари беше само преодна фаза.

Германците откако се квалификуваа за првенството со 10 победи во 10 квалификациски мечеви и рекордни 43 гола, успеаја да победат само во еден од шесте пријателски мечеви, и тоа неубедливо со 2:1 против Саудиска Арабија. Тимот на Јоаким Лев ќе се обиде да стане првиот по Бразил во 1962 година кој ја одбранил титулата.

Мексико, ќе мора да направи чудо против „панцерите“, но составот на колумбискиот тренер Хуан Карлос Осорио е искусен со дури 13 натпревари со над 50 настапи за „Ел три“.

Во вечерниот термин (20 часот) ќе дојде време за „Селесао“ да ја покаже својата сила и да докаже дека е еден од фаворитите за титулата. Бразил стартува против силниот и опасен швајцарски тим со мисија да се „избрише“ сеќавањето на засрамувачкиот 7:1 пораз од Германија во полуфиналето на СП во 2014 година.

Тите успеа да го трансформира тимот и само шест фудбалери од тимот во 2014 се уште во составот, вклучувајќи ја првата ѕвезда Нејмар, кој ги надмина повредите за да биде лидер на тимот.

Од друга страна е Швајцарија, која не е случајно на шестото место на последната листа на ФИФА, предводена од менаџерот Владимир Петковиќ. Швајцарците кои победија 9 пати во 10-те квалификациски мечеви, во подготовителниот период одиграа 1:1 со Шпанија и 2:0 со Јапонија и сигурно ќе ја искористат секоја шанса и пропуст на „селесао“.

Фото: ЕПА

Scroll to Top