Откако Германската фудбалска федерација (ДФБ) направи нешто што никогаш досега не го направила, го отпушти селекторот на машката репрезентација, се појавија шпекулации кој ќе биде следниот кој ќе го предводи „маншафт“, посебно пред Европското првенство на домашен терен следната година.
Федерацијата денеска го отпушти Ханси Флик, претходно мега-успешниот тренер на Баерн Минхен, по вчерашниот 4:1 пораз од Јапонија во пријателски меч, нивни четврти пораз во последните пет меча. Германските медиуми веднаш почнаа со шпекулациите кој може да г наследи.
Според „Скај спортс Германија“, желбата на федерацијата е менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, со тоа што би му дозволиле да остане на клупата на премиерлигашот, но очекувањата е дека Клоп ќе ја одбие оваа понуда. Втора опција е Јулијан Нагелсман, уште еден поранешен тренер на Баерн, кој доби отказ во март оваа година, но уште е под договор на својот клуб, така што федерацијата би требало да плати отштета на клубот од некои десетина милиони евра.
Засега, на пријателскиот меч со Франција, Германците ќе ги предводи легендарниот Руди Фелер.