Top Sport

Гигс е заинтересиран за слободните места во Евертон и Лестер

Рајан Гигс е заинтересиран да се врати на тренерската позиција, и тоа во испразнетите места во Лестер сити и Евертон, тврди британскиот „Скај спортс“.

43-годишниот Велшанец се повлече од фудбалот во 2014 година, по 24-годишна кариера во Манчестер јунајтед, и накратко беше тренер на тимот од „Олд Трафорд“ по отпуштањето на Шкотланѓанецот Дејвид Мојс. Тој беше во игра за местото во Свонси, а јасно е дека сака да се врати на менаџерска позиција.

„Мислам дека ако ги погледнете тие два тима – Лестер беше шампион пред две години, Евертон е фантастичен клуб со фантастична историја, нормално дека сум заинтересиран. Меѓутоа, има многу тренери кои се заинтересирани за тие две места. Отворен сум за соработка со клубови кои ја делат мојата амбиција – да се подобриме и да направиме подобри играчи. Има клубови кои се добри за работа во Премер лигата, но и во Чемпионшип. Повеќе ме интересира филозофијата на клубот, отколку местото на табелата“, изјави Гигс.

Евертон денеска го отпуштија Холанѓанецот Роналд Куман откако по 16 месеци на чело на тимот и со доста потрошени пари тимот имаше само 2 победи во 9 натпревари за најлош старт на сезона од 2005/06. Лестер пак, бараат тренер откако Крег Шекспир беше отпуштен по шест натпревари без победа.

Scroll to Top