Велшкиот селектор и легенда на Манчестер јунајтед, Рајан Гигс, вели дека се моли дека неговиот поранешен менаџер и „татковски лик“ Сер Алекс Фергусон ќе се опорави од мозочниот удар.
76-годишниот Фергусон останува во медицински индуцирана кома по итната операција во саботата. Шкотланѓанецот му го даде дебито на Гис за Јунајтед во 1991 година (кога имаше 17 години) и беше дел од сите 13 титули кои ги освои Фергусон во Премиер лигата.
„Сега е време за молитва и надеж дека тој ќе се опорави. Тој е најголемото влијание во мојата кариера, на и надвор од теренот. Знам дека операцијата била успешна, така што тој е фајтер и сигурен сум дека може да се опорави од ситуацијата“, изјави Гигс за „Би-би-си Велс“.
Со него се согласува и сегашниот дефанзивец на Јунајтед, Фил Џонс, кој Фергусон го донесе како 19-годишник од Блекбурн во јуни 2011 и беше дел од последната шампионска генерација на Јунајтед во 2013 година.
„Тој ме прифати како вистински татко и затоа сум шокиран. Но, го познавам неговиот карактер и тој има борба во себе. Во моите очи тој секогаш е легенда. Тој ме донесе во Јунајтед и ми даде шанса да играм за еден од најдобрите клубови на светот“, вели 26-годишниот Џонс.