Легендата на Манчестер јунајтед, Рајан Гигс, не е сигурен кој ќе мине подобро во дилот кој го направија „црвените ѓаволи“ и Арсенал.
Јунајтед од Лондон го донесе еден од најдобрите напаѓачи на денешнината, Алексис Санчез, а во спротивен правец замина Ерменецот Хенрик Мхитаријан.
Санчез има 28 години, за Арсенал на 166 натпревари имал учинок од 80 голови и 46 асистенции, додека Мхитаријан за Јунајтед одиграл 63 натпревари со учинок од 13 голови и 11 асистенции.
„Како и секој навивач на Јунајтед бев возбуден кога Мхитаријан дојде во клубот, изгледаше дека е совршен играч за Јунајтед, играч кој креира шанси и постигнува голови. Играв со Хуан Себастијан Верон кој беше еден од најталентираните во светот, но работите понекогаш не функционираат, можеби поради повредата, можеби поради погрешната позиција. Можеби ќе успее во Арсенал, поради тоа не сум сигурен кој мина подобро во овој дил. Во секој случај Санчез има повеќе голови и асистенции во Премиер лигата“, рекол Гигс.