Милан потврдија дека нивниот централен бек, Данецот Симон Кјер бил на артоскопска операција на левото колено по повредата на лигаментите, и дека ќе паузира најмалку шест месеци, по што тренерот Стефано Пиоли призна дека е можно „росонерите“ да ја засилат одбраната во јануарскиот преоден рок.
Данецот се повреди на почетокот на гостувањето кај Џенова (0:3 за Милан) во средата, по што денеска бил на операција.
„Милан потврдуваат дека Симон Кјер беше на операција на левото колено за повредата на лигаментите. Операцијата беше изведена во клиниката ‘Ла Мадонина’ под водство на докторот Роберто Поцони. Симон е во добро расположение и е подготвен веднаш да почне со рехабилитацијата“, се вели во објавата на Милан.
Тренерот Пиоли, потврди дека ќе мора да најдат решение за одбраната, откако Кјер стана постојан првотимец по трансферот во јануари 2020 година.