Тренерот на Ајнтрахт Франкфурт, Оливер Глазнер, не ја крие возбудата пред дуелот во Лигата на шампионите со Наполи, оценувајќи дека ќе биде дуел на две екипи во одлична форма и во исто време пофалувајќи го ривалот дека игра „анти-италијански“ фудбал.
Наполи, покрај тоа што се убедливи на врвот на Серија А со 15 поени предност пред Интер, имаа фантастичен настап во групната фаза на ЛШ со пет победи и еден пораз. Пред осминафиналето, Глазнер, кој лани на Ајнтрахт му ја донесе титулата од Лига Европа имаше само пофални зборови за Наполи.
„Наполи се анти-италијански тим. Имаат убедливо најголем интензитет, играат агресивно без топка, со пресинг и секогаш со контранапади. Го знаеме тоа и добро се подготвивме. Но, не можеме да го фалиме само нападот. Тие имаат неверојатен баланс на тимот и примаат многу малку голови. Ја познавам нивната 4-3-3 тактика со која се компаактни и опасни“, вели Глазнер.